Министерството за образование и наука, заедно со Бирото за развој на образованието, и оваа година ја организира активноста „Еко час“ како дел од големата пролетна акција за чистење „Генералка викенд“. Акцијата се реализира во периодот од 8 до 10 мај на повеќе од 600 локации низ сите општини во државата, со цел подигнување на еколошката свест и поттикнување на грижата за животната средина кај младите.
Во рамки на активностите, учениците од IX одделение заедно со наставничката по хемија Елена Трпковска работеа на темата „Истражување на почва“, избрана од Прирачниците за образование за животна средина. Учениците се запознаа со начинот на правилно мострирање на почва и со постапката за земање репрезентативен примерок за лабораториска анализа.
На почетокот беше изработен едукативен хамер, за креативниот дел беше задолжена ученичката Ива Алексиќ од 9-5, на кој чекор по чекор беа прикажани методите на мострирање на почва, како и начините за одредување на pH вредноста на почвата.
Особено интересен дел од работилницата беше експериментот со црвена зелка, преку кој учениците научија дека природните индикатори можат да покажат дали некоја средина е кисела или базна. Во кисела средина, индикаторот од црвена зелка добива црвена или розева боја, додека во базна средина преминува во сина нијанса. На овој начин учениците преку практична и интересна работа ја согледаа поврзаноста помеѓу хемијата и природата.
Со ваквите активности учениците не само што стекнуваат нови знаења и вештини, туку развиваат и чувство на одговорност кон животната средина, сфаќајќи дека секој од нас има важна улога во зачувувањето на природата.
Работилницата помина во одлична атмосфера, исполнета со љубопитност, тимска работа и желба за истражување. Преку практична работа и еколошка едукација, учениците уште еднаш покажаа дека младите се двигатели на позитивните промени и вистински чувари на нашата животна средина.






