Согласно епидемиолошката состојба со КОВИД-19 во државата, а следејќи ги досегашните пракси и протоколи за постапување во услови на епидемија со КОВИД-19, во прилог следи алгоритам за постапување во училиштата во случај на појава на ученик со симптоми, сомнителен/позитивен на КОВИД-19.
Со цел спроведување на постапките дадени во алгоритмот потребно е секое училиште да се определи назначено одговорно лице за контакт со надлежниот Центар за јавно здравје!
Доколку ученик, за време на престој во училиште, развие покачена телесна температура над 37,5 С° и симптоми карактеристични на КОВИД-19 (малаксалост, кашлица, отежнато дишење, пролив, повраќање и др.) веднаш се изолира во посебна просторија за изолација во училиштето.
Додека ученикоте во изолација за него се грижи определено лице назначено од училиштето. Назначеното одговорно лице од училиштето веднаш го известува и повикува родителот/старателот да дојде во училиштето.
Истото лице стапува во контакт со епидемиолошката служба во надлежниот Центар за јавно здравје и со матичниот доктор/педијатар на ученикот.
Во координација меѓу епидемиологот од епидемиолошката служба на надлежниот ЦЈЗ, матичниот лекар/педијатар и родителот/старателот на детето се одлучува за понатамошната дијагноза/тестирање/третман на ученикот.
Епидемиологот од надлежниот ЦЈЗ прави епидемиолошка проценка на ризик за можноста од проширување на инфекцијата во одделението/класот или целото училиште.
Епидемиологот од надлежниот ЦЈЗ/матичниот лекар на ученикот ги известува родителите/старателите и назначеното одговорно лице во училиштето за позитивниот резултат на ученикот.
Центарот за јавно здравје го известува Институтот за јавно здравје за позитивниот резултат на ученикот (особено за локацијата на училиштето и одделението/класот во кој престојува позитивниот ученик) со цел превземање на понатамошни епидемиолошки мерки за спречување на ширење на инфекцијата. ИЈЗ го известува ДСЗИ за позитивниот резултат на ученикот. Врз основа на тој резултат ДСЗИ го изготвува решението за домашна изолација на ученикот.
Матичниот лекар го добива позитивниот резултат за ученикот преку системот на Мој Термин. Назначеното одговорното лице во училиштето ги обезбедува следните податоци:
Списокот со контакти на потврдениот ученик ги доставува до епидемиолошката служба на надлежниот ЦЈЗ.
Епидемиологот од надлежниот ЦЈЗ врши проценка на ризик за можноста од проширување на инфекција од КОВИД-19 во училиштето (меѓу учениците и вработените), со тоа што учениците од одделението/класот во кој престојува позитивното дете, како блиски контакти задолжително одат во домашна изолација со решение од ДСЗИ. За наставниците и другите вработени во училиштето се прави поединечна проценка на ризик. За најдената состојба, појава на потврден случај на КОВИД-19 во училиштето и превземените мерки го известува Министерството за здравство, Институтот за јавно здравје и ДСЗИ. ‐ Надлежниот епидемиолог организира спроведување на вонредна дезинфекција во училиштето
Назначеното одговорно контакт лице го известува Министерството за труд и социјална политика за појава на потврден случај на КОВИД-19 во училиштето.
Ученикот позитивен на SARS-CoV-2 продолжува во домашна изолација под здравствен надзор со решение од ДСЗИ. Неговата здравствената состојба ја следи матичниот лекар, или доколку се појави потреба се хоспитализира.
Родителите/старателите на детето позитивно на SARS-CoV-2 како блиски контакти одат во домашна изолација со решение од ДСЗИ.
Ученикот кој бил сомнителн на КОВИД-19, а за кој е докажано со PCR тестирање дека е негативен на SARS-CoV-2, продолжува да го посетува училиштето и наставата со приложена потврда од матичениот лекар дека е во добра здравствена состојба и може да посетува училиште.
НАПОМЕНА: Контролата врз спроведување на воспоставениот протокол за работа на училиштата во услови на епидемија со КОВИД-19 ја врши Државниот санитарен и здравствен инспекторат на РСМ.